Додека на Груевски не му се стемни, на ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ се раздени

од desk2
84 прегледи

Дел од членството се сомнева оти лидерот тактизира и чека крик „Груевски, врати се“, но високи функционери на партијата тврдат дека „одлуката за оставка е конечна“. Сите ја потенцираат потребата од реформи во партијата.

Помешани изрази на олеснување, но и бројни сомнежи ја следат изјавата на сѐ уште актуелниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, кој најави дека ќе поднесе оставка пред органите на партијата, но без да прецизира кога би го сторил тоа. Неизвесноста ја зголеми и лично тој, откако вчера на новинарско прашање одби да одговори кога ќе ја поднесе оставката.

„Не би коментирал. Во наредните денови сѐ ќе се објасни“, рече Груевски од протестот пред Кривичниот суд.
Дел од членстото се сомнева во неговата искреност. Велат – оставка не се најавува, туку се поднесува, бидејќи вака остава сомнеж дека започнал некаков политички пазар и ќе ја даде кога дефинитивно ќе се испазари за негови лични интереси. Други, пак, сметаат дека купува време, во надеж дека членството ќе повика „Груевски, врати се“. Не исклучуваат дека може да постои и договорено сценарио, во кое некој би започнал петиција за негово останување на чело на партијата, па сѐ да заврши во стилот „тој сакаше да си оди, но членството не му дозволи“.

Искрена или договорена оставка
„Нема такво сценарио“, тврдат за ДВ високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. „Неговата одлука е конечна“, велат тие, одбивајќи јавно да ја коменираат заради сензитивноста на моментот. Според нив, „тој долго време се кршел и сега конечно се охрабрил“. Но, и тие не соопштуваат кога ќе ја поднесе оставката, со уверување дека тоа ќе се случи „наскоро, во наредниот период“.

„Ќе чека до Свети Никола“, (19-ти декември, н.з), гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.
Извори од пониските партиски ешалони тврдат дека одлуката е резултат на разочарувањето дека не може да мобилизира повеќе од 200 луѓе на протестите.

„Ако судиме според трите услови што требало да ги исполнува лидер на ВМРО-ДПМНЕ (истакнати од Генералниот секретар Христијан Мицкоски, н.з.) да биде прифатен од базата, да има позитивна перцепција во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница, Груевски е поразен од првиот услов. Тој одамна се скара со меѓународната заедница, но сега базата му праќа одредена порака со тоа што ја нема на протестите“, велат тие.

Во интервју за порталот „Курир“ Груевски изјави дека уште по првиот круг на изборите јасно кажал дека претседателот на партијата носи најголема одговорност.

„Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка. Партијата, согласно статутот, ќе организира вонреден конгрес, на кој освен извештајот за анализата на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски во интервјуто./DW