Сите четворица советници на ВМРО-ДПМНЕ во советот на општина Вевчани денеска поднесоа оставка во знак на солидарност со нивниот сопартиец и соселанец Крсто Мукоски и останатите приведени за немилите настани во македонското Собрание што се случија на 27-ми април, кои се товарат за тероризам и загрозување на уставниот поредок и безбедноста на земјата, информира Телма.
„Во знак на револт и протест од начинот на владеење на оваа гарнитура предводена од СДСМ, како и последните политички хајки кои што ги спроведуваат врз невини граѓани, а се однесуваат на настаните од 27-ми, со што не враќаат назад 70 години, во времето на Информбирото. Во знак на солидарност со сите жртви на овој тоталитарен режим, денес како советници поднесуваме неотповикливи оставки и ги враќаме мандатите кои што ги добивме од граѓаните на Општина Вевчани“, изјави Јовица Лешоски, советник на ВМРО-ДПМНЕ од Вевчани.
Лешоски појасни дека ниту еден од предложените кандидати од листата на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори нема да учествува во работата на општинскиот совет во кој мнозинството го има СДСМ со 5 советници, кои сега ќе треба сами да одлучуваат за проблемите на Вевчани.
„Тоа го оставаме на советничката група на нивна совест и на нивна одговорност“, додаде Лешоски.
Советниците во оставка на ВМРО ДПМНЕ од Вевчани истакнаа дека не им веруваат на институциите на системот бидејќи не можат да поддржат антимакедонско и антидржавно однесување и очекуваат нивниот пример да го следат и други општини.