Повторно протест и блокади на крстосници од ВМРО-ДПМНЕ

од desk2
73 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ бара да запрат неправдите, хајките и местенките и поради тоа ќе остане на улиците се додека „ова лудило на власта не престане“, се вели во партиското соопштение, за најновите протести поради гонењето на пратениците кои учествуваа во упадот во Собранието на 27 април.

ВМРО-ДПМНЕ денес ќе изврши блокирање на следните крстосници во период од 15 – 17 часот:

– Крстосницата кај Мавровка;

– Крстосницата помеѓу улиците „Васил Чакаларов“ и „Ангел Динев“ во Карпош;

– Крстосницата кај „Рампа“ во населбата Кисела Вода.

Воедно ВМРО-ДПМНЕ ќе организира и протест пред Министерството за правда, на улицата „Димитрија Чуповски“, денес во 18 часот, каде ќе има повеќе обраќања пред присутните, велат од партијата.

-Монтираниот случај за наводен тероризам против 36 македонски патриоти е целосно неоснован и е со цел заплашување на секој еден кој се решил да крене глас против оваа недемократска власт. Неправдата се чувствува на секој чекор. Селективната правда е исто така неправда и создава револт. Народот е уценет, а на љубовта кон татковината се гледа како кон грев, кој се казнува. Ова е епилогот од 6 месечното владеење на СДС. Целата држава е ставена под контрола на власта, медиумите се притиснати, а граѓаните во страв. Додека се продаваат националните интереси и се спроведуваат штетни политики власта го дефокусира народот со разни спинови, лаги и конструкции, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.