Алкохол ќе се купува во секое време

од desk2
97 прегледи

Министерството за економија за два месеца треба да подготви измени на Законот за трговија со кои ќе се укине ограничувањето за продажба на алкохол по 19 односно 21 часот и ќе се овозможи продажба и во кисоци со поседување лиценца, информираа денеска од ресорното Министерство.

Информацијата за законските измени Министерството за економија ја презентираше на вчерашната владина седница, а како резултат на реализираната посета на компаниите во рамки на проектот „Учиме од бизнис заедницата“.

Предлозите, како што информираше денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, доаѓаат директно од бизнис заедницата и се усогласени со стопанските комори.

– Исклучително е важно што оваа информација е усогласена и направена по иницијативата од бизнис заедницата, разговарано е со сите погоолеми компании и со сите стопански комори во Македонија, изјави денеска портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Со сегашниот закон продажбата на алкохол е ограничена до 19 часот во зимскиот период, односно до 21 часот преку лето. Во киосците, пак, има забрана за продажба на алкохол.