Две лица се приведени, полицијата се уште трага по сторителот кој вчера на сред бел ден пукаше и рани 34 годишен охриѓанец на Булевар Туристичка, информира ТВ24.
Од Секторот за внатрешни работи информираат дека двајцата приведени биле сослушани вчера околу 17 часот, а се лишени од слобода поради сомнение дека во критичниот момент биле заедно со сторителот и учествувале во инцидентот.

Сепак главниот осомничен е трет засега непознат човек кој откако испукал неколку куршуми кон сега ранетиот С.М, со патничко возило на швајцарски регистарски таблички избегал во непознат правец.
По него е покрената потрага, под сомнение дека извршил кривично дело убиство во обид.
„Сторителот извадил огнено оружје пиштол и испукал кон сега повредениот охриѓанец. Тој се здобил со тешки телесни повреди, поточно со прострелна рана во пределот на десната потколеница. Итно е пренесен во болницата Св. Еразмо од Охрид каде што му е укажана неопходна медицинска помош, а потоа е префрлен на клиниките во Скопје “, вели Стефан Димоски -портпарол СВР Охрид.
На вооружената пресметка и претстоела жестока расправа меѓу сторителот и сега ранетиот С.М. откако двајцата се сретнале на булеварот Туристичка каде и се случи инцидентот. Причината засега е се уште непозната.