Фаница Николоска денеска е разрешена од директорка на СОУ„Наум Наумовски Борче“ во Крушево, а на нејзино место како вршител на должност доаѓа Снежана Миленкоска, наставничка по географија во гимназијата.
Николоска е разрешена по предлог на училишниот одбор откако бил усвоен заклучок со низа неправилности и по инспекциски надзор извршен на 6 декември, соопшто општина Крушево.
Според заклучокот од училишниот одбор, досегашната директорка вршела политичко влијание врз ученици за време на професионална пракса, во одреден случај не го почитувала Законот за јавни набавки и исплатила личен доход без постоечки договор.
„Фаница Николоска го прекршила член 7 од Законот за средно образование, според барањето на одборот за разрешување доставено до градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски, со кој се забранува секакво политичко организирање и дејствување, како и повреда на член 27 од Законот за јавни набавки. Врз основа на член 93 од Законот за средно образование градоначалникот Христоски ја разреши досегашната директорка“, се наведува во соопштението.