8 охридски полицајци резервисти преку ноќ останаа без работа. Доцна синоќа без конкретно образложение и причина преку телефон им било јавено од денеска веќе да не се појавуваат на работните места и да го раздолжат оружјето, затоа што веќе немало потреба од нив.

Но, утрово на нивните позиции се појавиле нови 8 мина униформирани полицајци. Револтирани прашуваат која е вистинската причина за нивното бркање преку ноќ после 2 ипол години макотрпна работа, без платен стаж и придонеси!? – информира ТВ24
„Дежурниот ни се јави, без никакво претходно јавување или најава дека ќе не, фактички сме избркани од работа, бидејќи денес почнуваат нови 8 припадници на резервниот состав. Значи од 15 јуни до денес ние се пријавуваме во Бирото за невработени. Две ипол години немаме ни неделен ни годишен одмор“, вели Христијан Дулески – полициски резервист
За случајот утрово неколку пати се обиделе да стапат во контакт и да побараат одговор од началникот на СВР Охрид, кој пак им одговорил дека нема време за нив и дека работата е повеќе од јасна.
„Се обратиле моите поранешни колеги но им кажал дека не е во можност и воопшто нема да има можност да разговара со нас“, вели Златко Ангелески – полициски резервист
Полицајците кои од 2015 година се вработени како резервен полициски состав велат дека од денеска се социјални случаи кои ќе живеат на раб на егзистенција.
„Имам ќерка на факултет, таа не работи, имам син кој сега треба да оди на факултет. Јас немам други приходи“, вели Златко Ангелески – полициски резервист
Со горчина и солзи во очите бараат надлежните институции итно да го испитаат случајот и да се изјаснат јавно дали ваквата постапка е одраз на чист политички прогон. Во меѓувреме правдата ќе ја бараат и по судски пат. Од СВР Охрид пак најавија дека повеќе детали за случајот со официјален допис ќе има во текот на денешниот ден.