Дводневен самит на лидерите на ЕУ во Брисел

од Vladimir Zorba
74 прегледи

   Во Брисел денеска почнува дводневен самит на лидерите на државите членки на Европската унија  посветен на прашања за безбедноста и одбраната, соработката на ЕУ и НАТО, миграцијата, економската и монетарна политика и Брегзит. 

Во првиот ден на самитот, 28 шефови на држави и влади на ЕУ ќе разговараат за јакнењето на заедничката одбранбена соработка вклучително и механизмот Трајна структурна соработка.

Во ЕУ веќе е усвоена листа од 17 иницијални проекти кои ќе ги подобрат оперативни способности на ЕУ. Во рамки на разговорите за безбедноста и соработката се очекува на лидерите на ЕУ да им се придружи и генералниот секретар на НАТО Јонс Столтенберг.

Попладне ќе биде разгледана ситуацијата во областа на миграцијата и ќе се разговара за идната политика на ЕУ. Се очекува лидерите на ЕУ  да постигнат договор за продолжување на економските санкции спрема Русија за следните шест месеци.

Во вториот ден од самитот челниците на државите членки ќе разговараат за моментната економска ситуација во Еврозоната и за јакнење на економската и монетарната унија.

На крајот на дводневниот самит в петок шефовите на држави и влади би требало да донесат одлука за тоа дали е направен доволен напредок во досегашната прва фаза од преговорите за излегување на Британија од ЕУ и да се почне со втората фаза од можниот транзициски период во рамки за идните односи.