Претходниот градоначалник на Македонска Каменица за изборите потрошил 3.000 евра во кафеани

од desk4
77 прегледи

Долгот на Општина Македонска Каменица е 1,3 милиони евра. Претходниот градоначалник свесно ја довел Општината до ситуација на неликвидност непосредно два дена пред вториот круг на локалните избори. По негов налог селективно се наплатени големи суми пари кон одредени договорни партнери, без да се почитува динамиката на исплата на обврските на Општината.

Ова го соопшти денеска актуелната градоначалничка Соња Стаменкова, нагласувајќи дека како последица на таквото работење, Општината сега не е во можност да им исплати плати на дел од вработените, ниту редовно да ги подмири обврските по основ на склучени договори, набавени стоки или услуги.

На име угостителски услуги за еден месец за време на изборите кон Општината се фактурирани 2.832 евра. – Да потрошите околу 3.000 евра на кафеани и ресторани во време на избори и притоа да ја оставите општинската каса без пари по изборите, е крајно неодговорно и расипничко управување со една сериозна институција како што е Општината, истакна Стаменкова на прес-конференција.

Општината, дополни градоначалничката, има долгорочен долг од 43.214.342 денари или 702.672 евра – подзаем склучен со Министерството за финансии од кредитна линија на Светска Банка за реконструкцијата и адаптацијата на Домот на културата во Македонска Каменица.

– Општината овој кредит има обврека да го отплаќа од 2018 година, кога истекува предвидениот грејс-период од три години. Ратата изнесува 2.160.718 денари и ќе се исплаќа двапати годишно во наредните 10 години. Општината може да изгуби 16 милиони денари доделени преку ИПА грант за изградба на два локални патишта, поради непочитување на приоритетите за исплата и непочитување на Законот за финансиска дисциплина, рече Стаменкова.

Од јавните претпријатија, најзагрижувачка е состојбата со ЈП „Доминг“ кое е со блокирана сметка, додека ЈП „Камена Река“ нема пари за плати. – ЈП „Доминг“ е со блокирана сметка од 2000 година и има краткорочни обврски од 746.424 денари, како и долгорочни од 24.948.338 денари. ЈП „Камена река“ на сметката има 877.528 денари, а краткорочни обврски 4.039.530 и побарувања 6.942.304. Јавното претпријатие се соочува со недостиг на средства за исплата на надоместок за плата за вработените од јавна чистота и комунална хигиена чие незадоволство е се по интензивно овие денови, рече Стаменкова.

Таа истакна дека Општината и јавните претпријатија повеќе нема да доцнат во плаќањето на своите обврски по основ на склучени договори, набавени стоки или услуги.

До 3 ноември 2017 година во касата на Општина Македонска Каменица имало 367.432 денари или 5.975 евра.