Сејф ел Ислам, синот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, планира следната година да се кандидира на претседателските избори во Либија, соопшти претставник на семејството.

Според портпаролот Басем ел Хашими ел Сол, синот на Гадафи подготвил програма и наскоро официјално ќе ги објави плановите дека ќе се кандидира.
Весникот „Дејли мејл“ пишува дека Сејф ел Ислам (45) го сметале како потенцијален реформистички наследник на татко му во периодот пред 2011, но тој и понатаму е клучна фигура меѓу луѓето кои му останале лојални на Гадафи.
Сол за весникот „Египет денес“ истакнал дека во програмата на Сејф ел Ислам има предлози за кои се надева дека ОН би можеле да ги прифатат, што ќе помогне за воспоставување стабилност во земјата.
Меѓу неговите приоритети е јакнење на безбедноста во меѓусебните односи со сите групи во
Либија.
Се очекува претседателските избори во Либија да се одржат кон средината на следната година.
Сејф ел Ислам е втор по ред син на Гадафи. Моамер Гадафи има десет деца, од кои две се посвоени.
Тој кон средината на јуни е пуштен на слобода по повеќе од пет години затвор. Медиумите тогаш шпекулираа дека тој би можел да се појави како политичка личност. Во затвор беше поради воени злосторства од 2011 година, односно од револуцијата во таа блискоисточна земја, кога е убиен неговиот татко.
Сејф ел Ислам, чие име значи „меч на исламот“, се смета за наследник на Моамер Гадафи, а пред „Арапската пролет“ во 2011 година живеел во резиденцијата во Лондон, вредна 10 милиони фунти./MIA