
На 10 фирми кои работат во одржување на зградите за колективно домување им се одземени лиценците од страна на регулаторната комисија за домување, а прекршувањата се однесуваат меѓу останатото и за злоупотреби со резервниот фонд во зградите.
По денешниот состанок во Стопанската комора на Македонија, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и претставници на Групацијата за домување најавија измени на Законот за домување. Законот беше оценет како неприменлив, а со измените, меѓу другото, ќе се олесни и наплатата за одржување.
Според претседателот на Групацијата за домување, Васе Самараков, во законот е многу добро дефинирано дека резервниот фонд на граѓаните не може да се користи само на иницијатива на управителот без одобрување на станарите или нивниот претставник.
– Мора да има две понуди, од кои едната мора да биде потпишана. Знаеме дека има нерегуларности во тој дел кога без никаков потпис се прават одобрувања и се користат парите на фондовите на граѓаните без знаење, изјави Самараков.
Групацијата побара од државата субвенции за поправка и одржување на лифтовите за што во изминативе 25 години не се водело сметка.
– Знаеме дека лифтовите во ниеден случај не ги исполнуваат нормите согласно новите правилници. Поправките за нив се големи, а граѓаните немаат ниту доволно собрани средства во резервните фондови и не можат да одговарат на сумата која се движи од 3.000 до 10.000 евра. Предлагаме да учествува и државата со субвенционирање, рече Самараков.
Министерот Сугарески истакна дека се отворени за сите предлози со кои ќе се подобри законот и ќе се овозможи регулаторната комисија и инспекциските служби да ги спречат злоупотребите од фирмите.
– Со измените на Законот уште повеќе ќе се зголеми контролата на работата на фирмите за домување со цел да се спречи натамошна злоупотреба на законските надлежности, а на товар на граѓаните, изјави Сугарески./a1on