Со 17 гласа „ЗА“, 12 против и еден воздржан, денеска советниците на Општина Гостивар ја отфрлија одлуката на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари за непризнавање на претседателот на советот на Гостивар. Со ова уште еднаш се потврди изборот на Насир Муслиу за претседател на советот, информира АлсатМ.
„Општинскиот совет на денешната седница го разгледа решението на градоначалникот и истото го отфрли. Со денешната одлука на советот уште еднаш ја потврдивме одлуката од конститутивната седница на 17 ноември.
Време е градоначалникот да ги смири тензиите и омразата и да се помири со реалната состојба на мнозинството во советот на Гостивар и заедно да придонесеме за доброто на нашата општина“. – изјави Насир Муслиу, претседател на советот на Гостивар
Формирањето на мнозинството денеска го призна и градоначалникот Таравари, но ги обвини ДУИ и СДСМ дека ова мнозинство го формирале со притисоци кон советниците.
Ако советот не функционира, Таравари не ја исклучува можноста за нови избори.
„Ние продолжуваме, ќе го почитуваме мнозинството и ќе видиме што е спорно. За жал го покажаа првиот деструктивен акт зошто се обидоа да го имаат ова мнозинство. Денеска треба да се измени и дополни буџетот за платите на наставниците во Гостивар, што е помалку од 10% од платата што ја добиваат наставниците во нашата општина, а оваа коалиција, Весел Мемеди, Заев и Ахмети тоа го спречија во Гостивар. Ние моментално сметаме дека сме најсилната партија во Гостивар и ако се согласиме и најдеме начин за одење на избори, зошто да не. Не велам дека дефинитивно ќе биде така, но ќе анализираме“. – посочи Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар
Првото гласање за претседател на советот на Гостивар беше одложено поради, како што изјавија општинските служби, пропустите во записниците.