Припадниците на Исламска држава во новото заканувачко видео тврдат дека ги хакирале компјутерите на американската војска и Стејт департментот и дека ќе ги пратат своите борци на домашните адреси на вработените.

Како што пренесува Дејли мејл он лајн, видеото е страшно затоа што изобилува со закани, но и фотографии. Го објави хакерската група на Исламска држава Исламски духови на Калифатот, кои меѓу другото тврдат дека: „Муслиманите ќе се вратат да бидат владетели на светот и кралеви на земјите“.
Видеото изобилува со фотографии од убиени деца во Сирија и Ирак, додека во позадина се слуша машки глас на кој на арапски вели: „Исламска држава не започна војна против вас. Ќе платите висока цена кога вашите синови ќе се враќаат со ампутирани делови или во ковчези“.
Низ сцени од војна, бомбардирања и терористички напади, истиот глас продолжува: „Ќе платите додека одите по улиците плашејќи се од Муслиманите. Ќе ја нападнеме вашата татковина, а нема да бидете сигурни додека спиете во спалните соби“.
Потоа на видеото се појавува порака на арапски и на англиски која вели: „Ние сме во состојба да ги хакираме чувствителните сајтови на американската војска, министерството за внатрешни работи, Стејт департментот како и други владини сајтови, и во состојба сме да ги добиеме вашите доверливи информации“.
ИД тврди и дека веќе им пратила информации на нивните борци „осамени волци“ да убиваат и да го зголемат бројот на напади.