Српските платеници во областа Доњецк имаат намера да убиваат украински војници на линијата на разграничување и да поттикнат провокации кај цивилното население.

Тоа го соопшти Штабот на украинската антитерористичка организација, а како главна вест го пренесоа повеќе украински електронски медиуми.
Група платеници од Србија дошла на подрачјето на Доњецк, покажуваат разузнавачките податоци, наведе украинскиот Штаб АТО на Фејсбук.
„Во Доњецк дојде група српски снајперисти платеници. Нивниот водач е Дејан Бериќ, кој има прекар Деки. Тој во повеќе наврати доаѓаше во Донбас за да се бори за пари на страната на Русија и окупациските сили против вооружените сили на Украина“, се наведува во соопштението.
Се додава дека српските платеници имаат намера да убиваат украински војници на граничната линија и да предизвикаат провокација кај мирното население.
„Овие битанги се предавници на совеста и човечките вредности. Тие се согласиле за десетина московски сребреници да пролеваат крв на патриоти и заштитници на украинската земја. Ако ги сретнат припадниците на Вооружените сили на Украина, треба да ги пратат од каде што дошле на сметка на нивното министерство за одбрана“, заклучува Штабот на украинската АТО.
Српските медиуми потсетуваат дека порано пишуваа дека Бериќ е „најпознатиот српски борец во Донбас“, а во август објавено беше дека е ранет на фронт.
Односите меѓу Србија и Украина неодамна се заострија на дипломатско ниво по изјавата на украинскиот амбасадор Олексанар Александрович дека рускиот претседател Владимир Путин не се грижи за Србија и дека „Русија обучува наемници да убиваат Украинци и дека ги користела српските екстремисти са направат државен удар во Црна Гора.