Пуџдемон упати последен повик да се гласа за неговата листа и за „честа“ на Каталонија

од Vladimir Zorba
86 прегледи

  Поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон од Брисел упати последен повик до Каталонците да гласаат за неговата листа „Заедно за Каталонија“ на утрешните регионални избори.

Пуџдемон кој замина за Брисел, пред Шпанија да издаде потерница за негово апсење под обвинение за бунт и субверзивна противдржавна активност, вчера им се обрати на симпатизерите преку видео врска. Неговото обраќање беше пренесувано во живо на социјалните мрежи и на стотина места во Каталонија.

– Регионалните избори не се прашање на политички бои или луѓе, туку се прашање на чест, изјави тој.

Пуџдемон истакна дека ако Каталонците го прифатат соборување од власт на регионалната влада и распуштањето на Парламентот, спроведено од страна на Мадрид, следната власт на Каталонија исто така ќе биде изложена на „самоволие на централната влада“.

На 27 октомври, по едностраното прогласување независност, изгласано од регионалниот Парламент, Владата на шпанскиот премиер Маријано Рахој ја распушти каталонската извршна власт, чиј мандат беше до 2019 година. Тој го распушти и регионалниот парламент, и распиша нови избори./МИА