Експерт од Франција ќе го советува Османи за преговорите со ЕУ

од desk2
70 прегледи

Од денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања и официјално започнува со работа новиот технички експерт од Република Франција, Франсоа Лафонд, кој во наредните две години ќе биде советник на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Назначувањето нов експерт е потврда за отворената поддршка на Франција, не само на Секретаријатот за европски прашања, туку и на Македонија во нејзината евроатлантска интеграција и напорите на Владата да ја врати земјата на европскиот пат.

– Франција е еден од клучните политички фактори во рамките на Европската Унија и нејзината улога во процесот на проширување има фундаментално значење за успешност на процесот – истакна Османи на денешната средба со новиот технички експерт, Франсоа Лафонд и амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние.

Во таа насока поддршката што новиот претседател на Франција, Емануел Макрон, ја дава за проширувањето на Европската Унија, влева силен поттик за реформските процеси во Македонија, но влева оптимизам и кај останатите земји од Западен Балкан.

Османи ги повторил амбициите на Владата, до крајот на годината, на декемврискиот Самит, да биде отстранета условеноста на препораката, да се добие позитивен извештај и чиста препорака од Комисијата во април, наредната година, како и датум за почеток на преговорите до крајот на наредната година.

За ова, Османи очекува и поддршка од новиот експерт, кој со својата експертиза, знаење и искуство ќе претставува дополнителна вредност на Секретаријатот за европски прашања, во неговата подготовка на тимот, структурата, но и на целата администрација за евентуалниот почеток на преговорите со Унијата.