Фокус на општината Аеродром во претстојниот период ќе бидат заштита на животната средина и подобри услови за образование и грижа за младите.

На вчерашната седница на Советот на општината беше изгласан буџетот за 2018 година. За педагошко и основно образование се предвидени повеќе од половина, или 51,3 процент од вкупните буџетски расходи за 2018 година. Со нив се планирани средства за нови објекти за две градинки, преземање на трошоците за обезбедување на објектите во градинките и училиштата и обнова на подови во ООУ „Лазо Ангеловски“ и ООУ „Љубен Лапе“. Исто така, од 2018 година општината Аеродром ќе дава надомест од 3.000 денари за секое прваче и еднократен паричен надомест за талентирани спортисти.
Средствата за заштита на животната средина изнесуваат 7,1% од вкупниот буџет, од кои 20.000.000 денари се предвидени за директни мерки за борба против загадувањето, што е за 20 пати повеќе од минатата година.
Општината Аеродром во моментов бара и поефикасен начин за финансирање енергетски ефикасни фасади за станбените објекти, кој би овозможил побрзо темпо на работа. Досега беа издвоени значителни средства од буџетот за само 7 фасади. Ова темпо е незадоволително, земајќи го предвид големиот број станбени згради на кои им е неопходна реконструкција на фасадите.
Буџетот на општината Аеродром за 2018 година е подготвен според предлозите и потребите на граѓаните и е наменет да овозможи решенија за најгорливите проблеми што ги слушнавме во кампањата.