„Шлаканиците“ ќе се судат идната година

од desk2
89 прегледи

Судењето за случајот „Насилство во Центар“ на Специјалното јавно обвинителство ќе биде одложено за 2 февруари, беше одлучено денеска во кривичниот суд.

Главната расправа по овој предмет треба да почне од почеток бидејќи судијката Татјана Михајлова, која го судеше Груевски и другите обвинети, е прераспоредена во друг оддел на судот.

На ова се согласил обвинителот од СЈО, Гаврил Бубевски. Инаку, во овој предмет обвинети се 14 лица за поттикнување насилството што се случи при протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, очекува судот да набавуви камери за процесите да течат без одолговлекувања.

Тој информираше дека пред крај е судењето за случајот „Труст“, додека кај другите предмети постапката е на почеток.

Во врска со судењето за шлаканиците во Центар, Бубевски рече дека „за овој предмет сведочеше само Жерновски, а на следното рочиште треба да има вкрстено испрашување. Тоа е најдобро со новиот судија, зошто е комплицирана постапка“, додаде обвинителот на СЈО.

На претходните рочишта вина за настаните признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтобвинетиот Јордан Ристевски.

Во предметот обвинети се уште 12 лица, меѓу кои поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

Инаку, Груевски в петок, на 29 декември, треба да се јави кај шалтерски службеник како мерка на претпазливост која му ја определи судот, по барање на Специјалното јавно обвинителство./Makfaks