Премиерот Заев денеска оставри средба со претседателите и претставниците на политичките партии од коалицијата.

Како што информираат од владината прес-служба, на предновогодишната средба, Заев ги запознал коалиционите партнери со главните точки и остварувања на владата, и нагласил дека тие се постигнати врз основа на принципите договорени со коалицијата.
„Создадовме околности кои целосно го променија демократскиот амбиент во земјата, за што пристигнаа признанија и од народот со исходот на локалните избори, како и од меѓународната заедница, особено од нашите стратешки партнери во ЕУ, НАТО и од САД, и овие промени навестуваат дека влегуваме во година на клучни одлуки за државата. Во таа смисла е многу значајно взаемното охрабрување и поддршка на сите партнери во коалицијата во сите области, и посебно во остварувањето на концептот едно општество за сите“, истакнал Заев на средбата.
Во текот на разговорот станало збор и за теми од заеднички договорените политики, кои во изминатите 7 месеци се преточиле во конкретни мерки и законски решенија од спроведувањето на програмата на владата.
Било нагласено дека насоките се утврдени, и дека паралелно со она што се очекува на планот за европските и евро-атлантските аспирации, ќе се динамизираат и процесите во спроведувањето на реформите и реализацијата на Планот за економски раст.