Новогодишната прослава во Берлин ќе има „сигурна зона“ за жени

од desk2
110 прегледи

 

Организаторите на новогодишните прослави во Берлин прв пат во историјата ќе постават „сигурна зона“ за жени.

Овие нови безбедносни мерки планирани се на просторот покрај Бранденбуршката порта поради загриженоста од евентуални сексуални напади, пренесе BBC.

Огромен број сексуални напади и грабежи чии мети беа токму жените се случија за Нова година во Келн пред две години, а ја ужаснаа Германија.

Стотици жени пријавија во полиција дека се напаствувани од група мажи со арапско и северноафриканско потекло.

Случувањата во Келн ги зголемија тензиите во таа земја поради огромниот наплив на бегалци и мигранти. Околу 1,1 милион луѓе пристигнаа во Германија во 2015 година, од кои некои, но не сите, бегаа од насилствата во Сирија и во Ирак.

Се очекува на новогодишната забава во Берлин во недела под силни мерки за безбедност да присуствуваат стотици илјади луѓе.

На Бранденбуршката порта ќе биде забрането носење големи торби и ранци, како и алкохолни пијалоци.

Жените кои ќе бидат нападнати или ќе се чувствуваат загрозено, ќе можат да се обратат за помош во посебна „сигурна зона“, во која ќе има припадници на Црвениот крст, во улицата Ебертштрасе.

Полицијата на Берлин на жените им советуваше да побараат помош доколку се чувствуваат загрозено, и да носат мали ташни без предмети со голема вредност.