Скопје новогодишната ноќ ја почна со девојче, првото бебе родено во 2018. е женско, се роди на 1 јануари една минута по полноќ на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство главниот град. 
Малата Теодора доби штедна книшка со 20 илјади денари. Теодора и нејзината мајка на Клиниката за гинекологија и акушерство ги посетија министерот за здравство Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
На Клиниката за гинекологија и акушерство, како што информира дежурната лекарка Адела Стефанија, вчера изутрината се родиле вкупно десет бебиња.
Новогодишната ноќ на територијата на главниот град мина мирно и стабилно.
– Забележано е огромно намалување на кривичните дела и прекршоци за разлика од претходните години, изјави вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на СВР Скопје.
– Имаме тренд на намалување. 2017 година сме имале 37 кривични дела и десет прекршоци. До осум часот утринава имаме пријавено девет кривични дела и осум прекршоци, рече Спасовски.
Тој посочи дека кривичните дела сторени во текот на новогодишната ноќ пред се се тешки кражби, разбојништва и напад на службено лице при вршење на работа во областа на безбедноста. Јавниот ред и мир го нарушиле поединици во угостителски објекти.
На новогодишната ноќ беше ограбен домот на новинарот Томислав Кежаровски. Непознати сторители одзеле два лап-топ компјутери, два рачни часовника, нараквица и мобилен телефон.
Релативно мирна новогодишна ноќ имале дежурните екипи во болниците во Скопје. Најмладиот којшто побарал помош на Клиниката за токсикологија има 16 години, а за разлика од изминатите години немало пациенти предозирани со психотропни супстанци.
На Клиниката за токсикологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во текот на новогодишната ноќ примени се 27 пациенти од кои најмладиот има 16 години, а најстариот 48 години.
– Главно се работеше за група на пациенти меѓу 20 и 25 години и посебно сме задоволни и среќни што после многу години немавме предозирани со психоактивни супстанци, изјави утринава директорот на Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски.