Историјата се повторува, уметноста – не

од desk4
168 прегледи

Кога човек се залага за идеја и кога верува во неа, таа скоро никогаш не се остварува онака како што е замислена, зашто она што наликува на идеал е секогаш поубаво, повозвишено и понедостижно од замисленото. Со секој нов идеал бараме невозможно од животот, дури нѐ држи умот или желбите. Нема човек што нема идеали (или барем јас не сакам да верувам дека има). Наречете ги како сакате впрочем, тие се некаква форма на врв на среќа. Човек колку и да не зборува за нив, длабоко во себе сонува за нешто – недостижно, долгорочно, или возвишено. Од многуте врвови на среќа, во 2017 година ми се остварија два.

 

 

Стари и нови пријатели

Првото нешто за кое се залагав и верував дека е возможно, конечно се случи во 2017 – падот на долгото апсолутистичко владеење на дпмне. На патот на таа борба запознав нови луѓе, нови пријатели со слична или блиска идеја за подобро и поправично општество (или барем така ми се чинеше). Но изгубив стари и долгогодишни другари и пријатели, зашто не сите сме разбрале за приоритетите во времињата во кои се гушеше слободата, се газеше врз критичката мисла и човековите права, и царуваше криминалот. Под завесата на лажниот патриотизам луѓето беа сесрдно поттикнати да се делат на подобни и неподобни, на патриоти и предавници, на наши и ваши. Непослушните беа уценувани со основна егзистенција, послушните беа дарувани со позици и моќ, гладните – со пари и ветувања. Не знам што беше пострашно во нивното владеење – моќта што ја имаа и ја злоупотребуваа врз тенкиот човечки материјал или парите што ги испраа низ проекти како Скопје 2014, пари директно украдени од џебовите на својот народ. За мене, како некогашен актер, денес професор, најстрашно од сѐ беше уривањато на кревките вредносни и човечки критериуми. Чувствував и живеев секојдневно гледајќи како мои колеги и пријатели, за дебели или смешни хонорари, фотељи и запослувања се продаваа на ѓаволот, газејќи врз човечките вредности и достоинство. За пари и сопствена суета! Дали парите и суета можат да бидат врвови на среќата, не знам? Но знам дека против таквите „идеали” секогаш ќе има борба.

 

Предвесник на новата македонска филмска пролет

Втората работа во која безусловно верувам зашто тоа ми е и професија – е дека уметноста може да го исцели човекот од духовна беда! Гледам дека имаме талентирани луѓе, коишто можат да создадат дела што ќе ги променат нашите критериумите за уметничка вредност. Филмот „Исцелител” е такво дело кое сум посакувала да се случи овде. Пред крајот на годината што го започна процесот на нашето „исцелување” се појави филмот на Ѓорче Ставревски, со симболичен наслов за тоа што би можело да ни се случи после долг период на измами, лаги, нанесени повреди и болки на невини луѓе. Овој филм (не случајно – филм) наликува на кокиче, предвесник на новата македонска филмска пролет. Тоа што еден филм може да стори за една земја, често пати многу политики, преговори, договори, заврски и патриотизми заедно не можат. Зошто? Затоа што филмот денес е општо прифатен јазик за комуникација во целиот свет. За него не постојат пречки и граници. Тој може преку ноќ да стигне до Аљаска и Јапонија, каде филмската приказна на Ѓорче може веднаш да допре до публиката. Да не заборавиме дека филмските или уметничките дела ја претставуваат земјата и средината на авторот, отвораат граници, доближуваат луѓе, приказни, емоции на еден начин што ретко која политика може. Да не заборавиме исто така, дека Исцелител е „производ” на македонско-грчка копродукција и дека доби награда од публиката на фестивалот во Солун. Доколку уметноста е вистинска, публиката се смее, плаче, чувствува доживува и размислува секаде исто или слично. Исцелител „прозборе” на јазик што може сите да го разберат. За секој човек што ја сака и почитува филмската уметност верувам дека овој филм претставува среќа. За мене тој е и мој врв во 2017, зашто се појави после долги години овдешно филмско сивило.

Слобода и добар филм

Тоа што сум посакувала, тоа се случило – слобода и добар филм, две работи за мене неразделни една од друга. Во историјата се правеле филмови и во неслободни земји, филмови што биле цензурирани и забранувани за публика. Ни денес не е поразлично. Филмските режисери, барем оние чии идеали се секогаш недостижни, се можеби најблиску до вистината што еден ден ќе го придвижи светот во друг правец. Затоа што луѓето и преку уметноста можат да прогледаат и самите да донесуваат проценки за она што ги опкружува.

Исцелител беше направен за време на нашето невреме, а го видовме за прв пат во нашата новоосвоена слобода. Како доказ дека царството на кичот и извртените вредности не ни ја уништиле сосема уметноста. Како доказ дека уметноста постои се додека постои поривот за вистина! Едноставно, режимите отсекогаш биле и ќе бидат „инспирација” за уметничка креација што ќе ги вдахне оние чии идеали нема да се мерат само со пари. Гледано од некој агол од иднина, можеби тоа се истите патишта што секоја нова генерација одново ги изодува. Историјата можеби ќе се повторува, но веројатно уметничките дела ќе останат единствени и неповторливи белези по кои ќе ја паметиме.

 

Синоличка Трпковка

Слични содржини