(Видео) Се пополнуваат испразнетите директорски места

од desk2
114 прегледи

Со скопскиот затвор Шутка ќе раководи Ѓоко Котевски кој досега беше директор на Управата за водење на матични книги. Пополнето е и испразнетото директорско место во Градежниот инспекторат, каде за прв човек е назначен Боре Еркечов, јави 24 Вести.

Пополнувањето на со месеци испразнетите фотељи во Државниот пазарен инспекторат, но и во Инспекторатот за локална самоуправа ќе почека до наредната владина седница. Се уште нема решенија и за испразнетите министерски места.

„Вчера добија нови директори скопскиот затвор во Шуто Оризари и градежниот инспекторат. Останатите, вклучително и Државниот пазарен инспекторат најавено е дека ќе бидат на дневен ред на наредната владина седница во вторник. Политичките позиции не беа тема на владината седница, тоа е тоа на преговорите на политичките субјекти кои што ја сочинуваат владината коалиција“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

По Божикните празници се очекува назначување на нов министер без ресор за странски инвестиции.

Со ова министерство претходно министеруваше Рамиз Мерко од ДУИ кој стана градоначалник на Струга. Министерското место на Самка Ибраимовски кој стана пратеник, пак е пополнето уште од пред Нова Година.

На негова позиција дојде сопартиецот од ПЦЕР адвокатот Аксел Ахмедовски, на кој ова му е прво вработување во државна администрација.

Ако Зијадин Села излезе од Владата како што најави тогаш ќе има поголем бран кадровски смени. Партијата на Села држи 2 пратенички, 10 директорски и 3 заменик министерски места кои ќе се испразнат./24 Вести