Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, деновиве е во официјална посета на Загреб, Република Хрватска, каде што утрово оствари работна средба со градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ. На средбата градоначалниците дискутираа за досегашната соработка и искажаа желба таа во иднина да се продлабочи во повеќе области, каде што како најважни ги издвоија урбанистичкото уредување, животната средина и сообраќајот.

На средбата присуствуваа и претставници на македонската амбасада во Хрватска, претставници на јавните претпријатија и администрацијата на Град Загреб, како и на Европската епархија на МПЦ.
Скопје и Загреб се збратимени градови од 2011 година и досега имаа соработка во областа на образованието, спортот и културата.
На средбата беше договорено висока делегација, предводена од градоначалникот на Загреб, заедно со претставници од Секторот за сообраќај на Загреб и ЗЕТ (Загрепски електричен трамвај) да го посетат Скопје, каде што би размениле искуства и би дале стручна помош во насока на развој на нови сообраќајни решенија во Скопје.
По средбата, изјава за медиумите дадоа градоначалниците Шилегов и Бандиќ, кои се заложија да продолжи добрата соработка помеѓу Скопје и Загреб.

Изминативе неколку дена градоначалникот Шилегов престојуваше во официјална посета на Загреб, каде што учествуваше на работниот состанок во врска со заедничката кандидатура на Македонија, Словенија и на Црна Гора за организација на европското првенство во ракомет во женска конкуренција во 2022 година.
Како градови организатори на ова првенство ќе бидат Скопје од Македонија, Подгорица од Црна Гора и Целје и Љубљана од Словенија.
На официјалното поднесување на кандидатурата присуствуваа и градоначалниците на Загреб, Подгорица и на Љубљана, како и претседателите и претставници на ракометните федерации на Македонија, Црна Гора и ма Словенија вклучувајќи и високи претставници на Европската ракометна федерација (ЕХФ).