Од утре дожд и ветер, на планините снег

од desk4
82 прегледи

Од утре претпладне почнувајќи од западните делови на државата се очекува нов влажен бран со обилни врнежи од дожд, засилен ветер и снег на планините.

Попладне врнежите ќе се интензивираат и ќе се прошират насекаде, а наместа ќе бидат и поројни. Пообилни врнежи се очекуваат во западните делови од државата каде локално ќе наврнат над 30 литри на метар квадратен.

Ќе дува засилен југозападен ветер со брзина над 70 километри на час, а на планините брзината на ветерот ќе биде над 100 километри на час.

Максималната температура ќе биде над нулата и ќе се движи од 8 до 16 степени.

Во вечерните и ноќните часови поради продор на студена воздушна маса проследена со засилен северен ветер врнежите од дожд на одредени места во пониските делови ќе преминуваат во снег, особено во западните и северните делови.

На планините, претежно на запад, се очекува да има зголемување на снежната покривка. Локално висината на снежната покривка ќе биде и до 30 сантиметри, а ќе има и појава на снежни наноси.

Веќе во четврток ќе биде студено со засилен северозападен ветер и дневна температура од 1 до 8 степени.

Нови врнежи се очекуваат од сабота попладне.