Таравари: ДУИ и СДСМ не се солидаризираа, туку само ги намалија буџетните средства за една третина

од desk2
87 прегледи

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во врска со свикувањето на седница на Советот на Општина Гостивар на која ќе се донесе одлука за времено финансирање, рече дека ДУИ и СДСМ не се солидаризираа со општинските службеници и просветните работници, туку само извршиле законска обврска, а фактички со таквата одлука ги кратат за една третина буџетските средства за првиот квартал.

„Прочитав една вест од ДУИ дека наводно одлучиле да помогнат во процесот. Тоа не е вистина, тоа е законска обврска во рок од 15 дена по приемот на дописот од моја страна, кој што го испратив на 4 јануари, советот да одобри времено финансирање на советот. Тие го одложија онолку колку што можеа, значи свикаа седница за на 24 јануари со единствена цел да ги блокираат сите процеси до последниот можен ден. Инаку, временото финансирање е најголемата штета што можат да ја предизвикаат како мнозинство во Советот на Општина Гостивар. Ова мнозинство од 16 советници одби да расправа за буџетот. Би прифатил, доколку се расправаше за буџетот, но нека знаат граѓаните на Гостивар дека тие немаат никаква милост за да се деблокира нешто, туку едноставно прават нешто што законски се обврзани да го направат, а негативните ефекти од оваа одлука се намалувањето на буџетот за една третина од парите што можеме да ги користиме како општина“, истакна градоначалникот Таравари.

Тој вели дека единствената причина за ова е тоа што тие сакаат да покажат дека наводно никој друг освен ДУИ и СДСМ не знае да раководи , а кои, всушност, во гостиварската политика веќе им припаѓаат на историја.

На новинарско прашање дали целта е да се оди на вонредни избори за советот, Таравари одговори дека е подготвен и дека ги предизвикува тоа да го сторат, но дека тие не прифаќаат.