„Виале Џакомо број 76“ и „Ѓорѓи Пешков број 5“. Едната адреса во Форли Италија, другата на Боемска улица во центарот на Скопје. Ги поврзува фирма која со години работи на реконструкција на Албанскиот театар во Скопје.

Според податоците кои ги обезбеди Алсат М, претставниците на фирмата „Ламоне Мореда“ која банкротираше пред четири години, а претходно потпиша договор за реконструкција на театарот вреден 8 милиони евра, отвориле нова фирма во Македонија. Токму таа нова фирма пред две години ја купила тукашната подружница на „Ламоне Мореда“. Освен ова, формирале и нова подружница во Скопје на новата фирма отворена во Италија, Шенција ДОО. Македонската компанија се вика Шенција Италија Скопје.
Архитект и градежен инженер биле двете лица кои во 2012-та година како овластени лица од „Ламоне Мореда“ се јавуваат како управители на „Ламоне Мореда“-подружницата во Скопје. Фирмата тука е отворена во септември месец 2012 година. Оваа компанија во финансиките биланси покажува добивка во работењето во 2013-та и 2014-та година. Во 2015-та имала загуба, па следната 2016-та повторно добивка. Во 2015 и 2016-та година оваа фирма нема ниту еден вработен во Македонија.
Но, во февруари 2016-та италијанската фирма Шенција ДОО од Италија ја купува македонската подружница на „Ламоне Мореда“ и формира тукашна подружница – Шенција Италија – Скопје со седиште во Дебар Маало.
Токму фирмата Шенција ДОО од Италија во постапка со преговарање без тендер, во декември лани потпиша договор од речиси еден милион евра со Албанскиот театар за завршување на реконструкција.
Во меѓувреме, италијанската „Ламоне Мореда“ банкротира. Документите за крахот на оваа фирма ги објавија и властите во Италија и се јавно достапни. Банкротот пред две години за Алсат М го потврди и тогашниот државен секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехапи. При банкротот 20 отсто од 8 милионскиот договор фирмата успеа да ги земе.
На 13 декември 2016-та година фирмата Шенција пред да го потпише последниот речиси милионски договор со театарот, потпишала уште еден во вредност од плус 200 илјади евра.
Алсат М, уште вчера им понуди на надлежните во Албанскиот театар во камера да го објаснат последниот договор. Понудата беше одбиена. Од Министерството за култура посочија дека театарот е национална установа која сама потпишува договори, а тие само ги обезбедуваат парите.
Владата на седница во ноември лани обезбеди пари за да се подмират долговите на Албански театар. Предлогот се изгласа во Собрание, а за исплата на долговите беа пренаменети над 300 илјади евра./Алсат М