Една година од инаугурацијата на Доналд Трамп за нов аемрикански претседател, рејтингот на САД како светски лидер е опаднат во сите земји освен во четири, меѓу кои е и Македонија, пишува магазинот „Атлантик“ во текстот со наслов „Што имаат заедничко Израел, Либерија, Белорусија и Македонија?“
Истражувањето на рејтингот, на кој се повикува „Атлантик“ е спроведено од агенцијата „Галуп“ во 134 земји во 2017 година.
Причините зошто Македонија е во ова друштво, според магазинот, може да се лоцираат не во Белата куќа туку во Стејт департментот, поточно во улогата на заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Ји во разрешувањето на политичката криза и изборот на новата влада на чело со Зоран Заев.
– Во Македонија, каде одобрувањето на водството на САД скокна 15 проценти по долгогодишно опаѓање, објаснувањето може да се најде не во Белата куќа, туку во Стејт департментот. Во мај, македонскиот претседател Ѓорге Иванов му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на опозицијата Зоран Заев по повеќемесечно одбивање – одлука која следеше по инсистирањето на Хој Ји, заменик државен секретар назначен во времето на Обама“, пишува „Атлантик“.
Инаку, според текстот, зголемувањето на рејтингот во Израел се должи на одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на земјата, во Либерија причините се во историскиот контекст, додека во Белорусија, според магазинот, тие најверојатно лежат во тоа што стилот на владеење на американскиот претседател, Белорусите го сметаат за сличен со оној на нивниот шеф на државата, Александар Лукашенко.
Според истражувањето, местото на САД како глобален лидер се повеќе го зазема Германија.