Уставниот суд на денешната седница донесе Одлука за поништување на Одлуката донесена од Советот на општина Центар од март 2017 година, со која се поништени Одлуката за донесување на ДУП – Голем ринг јужен дел запад во општина Ценар и за Одлуката за донесување на ДУП – Голем ринг јужен дел исток во општина Ценар од 2012 година.

Како што појаснуваат од Судот, општините не може да поништуваат Детални урбанистички планови, туку да донесуваат ДУП, а доколку сметаат дека не се во ред тогаш може да ги менуваат. Само Уставниот суд може да поништува и укинува ДУП.
Уставните судии на денешната седница со мнозинство гласови укинаа одредба од Законот за извршување, која предвидува барањето за извршување чија вредност на главното побарување е над 10 илјади евра задолжително да го составува адвокат и содржи адвокатотски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, друштво за осигурување…
Укинати се и законските одредби со кои се предвидува приговорот против извршниот акт и жалбата против донесеното решение по приговорот за предмети чија вредност на главното побарување е над 10 илјади евра задолжително да го составува адвокат.
Подносители на иницијативата се граѓани од Прилеп.
Судот денеска укина членови од Законот за нотаријат, со кои се предвидуваше доколку нотарот не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во предвидените рокови е должен најдоцна во рок од 30 дена од одржување на стручниот испит да плати казна од три илјади евра на Нотарската академија на Комората, кои ќе се користат за стручно оспособување на нотарите во рамки на Комората.
По плаќањето на казната нотарот се стекнува со право повторно да го полага стручниот испит во рок од шест месеци, а доколку не ја плати казната или не го положи стручниот испит ќе биде поведена постапка за разрешување на нотарот.
На денешната седница беше поведена постапка за одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за вино, која предвидува „трговец со винско грозје да е правно и физичко лице и врши откуп на грозје наменето за извоз“. Поведена е постапка во зборовите „наменето за извоз“.
Судот интервенираше во овој дел од одредбата, бидејќи трговецот ќе биде само оној што ќе врши откупот само за извоз, што е спротивно со Уставот кој вели дека сите се еднакви на пазарот. – Не може да доминираат само оние кои вршат извоз на грозје, туку и оние кои вршет откуп и за домашните винарии, вела од Судот.
Подносител на иницијативата е адвокат Надица Андова од Кавадарци.
На денешната седница на Уставниот суд, која беше прва за оваа година присуствуваа новоназначените судии Дарко Костадиновски и Осман Кадриу.
Собранието на Република Македонија на 11 јануари ги избра Костадиновски и Кадриу за нови судии на Уставниот суд на предлог на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.