Во текот на денешниот ден треба да почне исплатата на декемвриската плата за вработените во училиштата, јавните претпријатија и општинската администрација, најави градоначалничката Теута Арифи.

Таа денеска изјави дека како општина го запазиле временскиот рок и оти општинскиот буџет за 2018 година е донесен од страна на Советот уште пред Нова Година, но оти буџетот не ги поминал процедурите во Министерството за финансии.
– По донесената одлука од страна на Владата, вчера и оваа административна формалност е завршена и веќе располагаме со финансиски средства согласно буџетот, така што во текот на денешниот ден треба да почне исплатата на платата за вработените во училиштата, јавните претпријатија и администрацијата во надлежност на Општина Тетово, изјави Арифи.