Петте жртви кои вчера загинаа во пожарот во куќа во Тетово денеска беа погребани на градските гробишта. Пријатели, другари и блиски роднини на жртвите им дадоа последна почит, информира АлсатМ.
Општина Тетово прогласи тридневна жалост за трагедијата која се случи во семејството Зулбехари каде животот го загубија 39 годишната сопруга Фатиме и нејзините четири деца. Исто така, денеска знамињата на општината беа спуштени на половина копје.
На денешната седница на општинскиот совет беше донесена одлука на семејството Зулбехари да му биде доделена финансиска помош од два милиони денари, како и помош за реновирање на изгорената куќа.
„Сакам да му изразам сочувство на семејството кое покрај куќите, во оваа трагедија ги загуби и своите најблиски. Во име на општината, ве уверувам дека го правиме и ќе го правиме најдоброто за граѓаните, куќите ќе бидат реновирани, но не можеме да ги вратиме изгубените срца.“ – изјави Теута Арифи- градоначалник на општина Тетово
И владата донесе одлука за доделување на 300 илјади денари за семејството на загинатите, а сочувство испрати и премиерот Заев. Од друга страна, обвинителството ниту денеска не излезе со подетални информации за можните причини за пожарот, па и понатаму траат сомневањата дека тој избувнал од каминот. Извештај нема ниту од судското вештачење кое треба да утврди како настапила смртта кај загинатите, односно дали се задушиле или настрадале од покривот кој се урнал врз нив.