Одбраната во „Топлик“ бара изземање на вештакот во предметот

од desk2
101 прегледи

Одбраната на обвинетите во предетот на СЈО „Топлик“ пред почетокот на главната расправа побара изземање на вештачењето на доказна документација изработена од СЈО бидејќи вештото лице кое го изготвувало вештачењето, во моментот кога тоа е направено, немал лиценца, е во роднински врски со вработена од СЈО и како најглавна причина во моментов е директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Според одбраната, вештачењето е пристрасно бидејќи делови од документацијата којашто е вештачена се прибавени токму од Агенцијата за катастар со која сега раководи вештакот.

Според СЈО, барањето на одбраната е неосновано, побараа судот да не го прифати приговорот.

Судијата Осман Шабани, кој го води предметот рече дека дополнително ќе се произнесе по предлогот на одбраната.

Тој најпрво им укажа на адвокатите дека за доказите можат да приговараат во текот на постапката, но одбраната рече дека судот веќе воспоставил пракса во предметот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот, да се одлучува за изземање на докази пред почеток на главната расправа.
Судењето е одложено за во март. Во „Топлик“, првоосомничен е поранешниот министер Миле Јанакиески, кој како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки, составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Одложено е рочиштето и за „Труст“ во кој осомничен е бизнисменот Сеад Кочан, бидејќи судијката во предметот е на боледување./24 Вести