Загрижени од непочитувањето на законските акти и обврски и на новата Влада, граѓаните на општина Илинден покренаа меѓународна истрага за непочитување на Законот за денационализација и позитивно-правната регулатива со која се нанесени милионски штети на правните наследници на имот одземен со национализација во периодот по 2 август 1944 год во, со вкупна површина од околу 115 000 квадратни метри, и тоа само во спорниот дел од атарот на Општина Илинден.

Правните наследници на имотот покренале постапка пред надлежните органи уште во 2002 год, а за правните и кривични одговорности кои произлегуваат од непочитување на истите Градоначалникот Жика Стојановски бил известен со Преставка во 2008 год.. Согласно член 20 од законот за денационализација од 8 мај 1998, предметната недвижност за која се бара враќање во сопственост и владение на поранешните сопственици, и сите правни дела, судски или управни одлуки се ништовни, а Градоначалникот Стојановски, бил должен според Законот за локална самоуправа и ингеренциите кои произлегуваат од истиот, да внимава на спроведување на Законот.

И покрај наведените предупредувања и законски обврски, Стојановски почнува со отуѓување на спорниот имот, и со тоа извршил противзаконско дејство за што граѓаните се надеваат на отпочнување на постапка за кривична одговорност на Стојановски. Со овој чин покрај прекршувањето на веќе споменатиот Закон, дополнително ги оштетил и правните лица на кои им го продал спорниот имот. Од имотните листови кои можат да се видат на страницата на Агенцијата за Катастар и недвижности, на спорните парцели се појавуваат имињата на компаниите „Адора Инжинеринг“, „Сахара Глобал“, „Метро Медикал“, но и други угледни компании.
Во оваа шема за отуѓување на приватен имот, а кој е предмет на постапки според постојните закони, покрај општинските органи во Илинден, учествуваат и вработени во Министерството за Земјоделие и Водостопанство како и од Министерството за Градежништво и Транспорт од минатата власт, а за што вклучените во наведените постапки ги информирале и новите раководства на овие органи на новата власт.

Правните експерти што ги консултираше ЦИВИЛ Медиа, изразија зачуденост и загриженост од неажурноста и непостапувањето на органите на извршната власт, а особено што загрижените граѓани кои нѐ информираа за случајот, тврдат дека за ова ги информирале највисоки претставници на МВР уште во јуни минатата година. Разочараноста на граѓаните на Илинден и правните наследници во случајот е огромна, но додаваат дека се надеваат дека меѓународните пријатели на Македонија ќе помогнат да се врати угледот и честа на институциите на државата. Во интерес на истрагата тие не откриваат за која странска институција или држава станува збор.
Против градоначалникот на Илинден се води уште една меѓународна истрага.