Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер изјави денеска дека напаѓачот Оливие Жиру се одлучил на чекор да го напушти клубот бидејќи има желба да се бори за место во националниот тим на земјата.
Жиру смета дека во моментот не добил доволно натпревари во Арсенал, а ако не се промени ситуацијата и во пролет, тогаш неговото место на Светското првенство е под сериозно сомнение. Тоа го принудило 31-годишниот фудбалер да даде согласност на последниот ден од трансфер периодот за преминување во Челзи.
Досега тој имаше 105 гола во 253 натпревари, вклучувајќи 73 погодоци во 180 натпревари во Лигата.
„Тој е многу популарен во соблекувалната и во клубот. Оливие сака повеќе време за играње. Сака да биде во максимално добра форма пред Светското првенство и да биде прв избор на Дидие Дешамп. Тоа е и причината зошто ние ја отворивме вратата, го објасни Венгер трансферот во вредност од 18 милиони фунти.
Исто така, францускиот специјалист изјави дека овој трансфер бил поврзан со договорот за Пјер Емерик Обамејанг кој беше привлечен за рекордни за клубот 56 милиони фунти.
„Трансферот на Жиру е поврзан и со трансферот на Обамејанг. Но од друга страна Жиру треба да добие трето дете наскоро, па и за семејството беше тешко да се пресели во оваа фаза од Лондон. За нас беше тешко да ја прифатиме понудата од Челзи. И затоа што Жиру е добар играч, и затоа што го даваме на наш ривал“, раскажа Арсен Венгер.