Реакциите на локалната и централната власт за новите тарифи на водните услуги не се издржани, велат од Регулаторната комисија за енергетика, информира ТВ24.
Поголемиот дел од општините, па и градот Скопје иако имаат законска обврска сепак јавно се изјаснија дека нема да ја корегираат цената на водата.
Локалните власти од Велес и Куманово поднесоа тужби, а Владата побара регулаторна уште еднаш да ја преиспита тарифата за ЈП Студенчица.

„Овие реформи се започнати уште пред донесувањето на Законот за утврдување на цените на водните услуги во јануари 2016 година, кој Регулаторната комисија за енергетика има обврска да го спроведува.“
Во однос на некои квалификации дека решенијата на Регулаторната комисија за енергетика се политички мотивирани, укажуваме дека таквите изјави се штетни за целиот реформски процес и базирани на недоволна упатеност во законските обврски и работата на комисијата.
Најгласен против промената на цената на водата беше градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Шилегов од дневен ред на Советот ја повлече точката со која скопјани требаше да плаќаат за 1,32 денари поскапа вода по метар кубен, а одлуката на регулаторна ја нареле политикантска.
„Додека сум градоначалник, граѓаните нема да плаќаат повисока цена за водата.“ – изјави Петре Шилегов, градоналник на Скопје.
Водоводните претпријатија според Закон имаат рок до крајот на април, да ја прифатат предложената тарифа за водни услуги. Ако тоа не го сторат тогаш регулаторот ќе пристапи кон изготвување на регулаторна тарифа, која ќе биде конечна и претпријатијата се должни да ја применуваат. Трошоците за дополнителни анализи и пресметки за регулаторната тарифа ќе треба да си ги покријат самите претпријатија, а цените се утврдени со Закон и тие се движат од 1.000 до 5.000 евра.
Законот предвидува и казнени одредби ако јавните претпријатија не ја спроведе одлуката на регулаторот и тие се движат од 6000 евра па нагоре. Исто така со овој закон за прв пат тарифите за водни услуги се формираат на транспарентен начин, по методологија која се користи во многу земји во регионот и во рамки на Европската Унија.