Врнежите кои паднаа изминативе 48 часа предизвикаа покачување на водостоите на сите реки во државата

од desk4
101 прегледи

Интензивните дождови предизвикаа поплави низ Македонија. Најкритично е во Кичево, каде домовите на околу стотина семејства се буквално под вода, информира ТВ24.

Поплавен е  источниот дел од градот во близина на Зајашка Река. Жителите се евакуриани и привремено се сместени во спортската сала „Ивандол“ се додека водената стихија не се повлече од нивните куќи.

„Во моментов ЦСР Кичево прави увид на сите поплавени куќи и иако првичната бројка беше дека станува збор за 70-ина куќи, од увидот се констатира дека бројката ќе биде над 100-ина поплавени куќи. По завршениот увид ЦСР Кичево ќе излезе со конечна и официјална бројка на поплавени“ – информираа од Министерството за труд и социјална политика.

Од зголемениот водостој, се излеаа и реките Треска и Беличка река и поплавија повеќе од 500 хектари ораници и ливади. Реката Вардар пак, повторно се искачи до врвот на своето корито и му се заканува на центарот на Скопје. Критични се водостоите и на реката Пена кај Тетово и реката Треска кај Македонски брод.

Локални поројни поплави има и во Тетовскиот и Охридскиот регион.

Од Управата за хидрометеоролошки работи предупредуваат граѓаните да не се движат покрај реките, поради зголемениот водостој. Врнежите во попладневните часови престанаа и се очекува водата да се повлече, меѓутоа прогнозите најавуваат уште еден влажен бран.