Швајцарија сака да помогне во зајакнувањето на капацитетите на ДИК и во изборните реформи

од desk2
72 прегледи

Швајцарија е подготвена да помогне во зајакнувањето на капацитетите на ДИК и во изборните реформи
Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Сибил Зутер Техада, амбасадорка на Швајцарија во Република Македонија. На средбата се разговараше за актуелни политички прашања, како што е зајакнувањето на капацитетите на Државната изборна комисија и изборните реформи, како дел од реформскиот План 3-6-9.

Како што соопшти владината прес-служба, амбасадорката рекла дека Швајцарија е подготвена да помогне во зајакнувањето на капацитетите на ДИК, на ОИК.

– Владата е определена за изборни реформи што ќе бидат прифатени од сите политички субјекти во државата. Силно сме посветени на обезбедување независност и капацитетност на Државната изборна комисија, како и на спроведување на сите други потребни реформи за квалитетен изборен процес. Затоа, за нас е прифатлива секоја помош и соработка што може да ги подобри капацитетите на изборните органи и на институциите вклучени во реализацијата на изборниот процес, рече премиерот Заев.

На средбата, Заев ја информираше амбасадорката Техада дека ќе се формира координативно тело, кое што ќе работи со претставници на Европската унија, на САД, на швајцарската Влада како и со сите заинтересирани, за подготовка и имплементација на изборните реформи.