Улиците низ главниот град стануваат опасно место и за возачите и за пешаците. Во Скопје секојдневно се регистрираат сообраќајни несреќи од кои дел завршуваат фатално.

Само во една полициска акција дури 40 отсто од возачите во метрополата биле под дејство на алкохол. Министерот за внатрешни работи најави поголемо полициско присуство на улиците и зачестени сообраќајни контроли, информира ТВ24.
„При една акциска контрола околу 40 проценти од возачите во Скопје се под дејство на алкохол тоа е алармантно и мораме повторно да имаме акции се со цел луѓето да ја подигнат својата совест и да знаат дека возењето под дејство на алкохол загрозува нечии други животи“, вели Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи на РМ
Телевизија 24 претходно објави дека со казни од сообраќајни прекршоци, државниот буџет во изминатите 5 години од 2012 до 2016 година се наполнил со над 16 милиони евра или во просек, по 3 милиони евра годишно. Граѓаните од една страна се жалат на високите казни за сообраќајни прекршоци, но од друга страна пак, сообраќајните несреќи од година во година се зголемуваат. Податоците кои ТВ24 ги доби од МВР покажуваат дека само минатата година до месецот декември во земјава црниот биланс покажува дека имало над 8.000 сообраќајки во кои животот го загубиле 130 лица. Најголемиот дел од нив или повеќе од 3.000 сообраќајки имало само во Скопје, најмалку пак во Струмица.
Сообраќајни несреќи во периодот од Јануари до Декември 2017 година.
Скопје: 3.360
Битола: 701
Велес: 550
Куманово: 569
Охрид: 735
Струмица: 542
Тетово: 1026
Штип: 606
Се погласни се критиките во јавноста за сообраќајната култура на граѓаните. На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат и слики од учесници во сообраќајот кои прават разни прекршоци – од паркирање на непрописни места, до возење во спротивна насока. Полицијата апелира за поголема сообраќајна култура и прилагодување на возењето согласно пропишаните правила на патиштата. Сепак, само во текот на викендот, во Скопје се случиле 22 сообраќајни незгоди во кои едно лице го загубило животот, додека 33 возачи го управувале возилото без возачка дозвола.