Вечерва во киносалата од Центарот за култура во Кичево премиерно ќе биде прикажан филмот на Ѓорче Ставрески, „Исцелител“. Почетокот на проекцијата е во 20 часот и, по подолг период, се очекува кичевските филмофили да уживаат во едно домашно остварување.

Филмот има добиено повеќе меѓународни признанија: на Солунскиот фестивал ја доби наградата од публиката, на Фестивалот на медитеранскиот филм во Брисел доби специјална награда, а беше дел и од филмските фестивали во Индија и во Естонија. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Благој Веселинов како Веле, Анастас Таноски-Саздо, Акил Мехмед-Џем, Александар Микиќ-Мрсни и други.
– Културната понуда во февруари ќе ја збогатиме и со вечерашната премиера на „Исцелител“, еден од најдобрите домашни филмови снимени во последните неколку години. Вистинските љубители на филмската уметност ќе имаат ретка можност во својот град да присуствуваат на една домашна премиера на големото платно – истакна Мира Божиноска, в.д. директорка на Центарот за култура во Кичево.
Цената на влезните билети изнесува 100 денари.