Партиски влијанија и притисоци при изборот на директор/ка на гимназијата Јосип Броз – Тито веќе неколку месеци предизвикуваат револт кај поголем дел од вработените. Професори во гимназијата во разговор со Либертас ги споделија своите грижи поради силните притисоци од партијата ДОМ.
-Од таму инсистираат на директорска позиција да дојде професорка која во гимназијата работи од 1995 – година. За голем дел од професорите нејзиното можно именување е скандалознo имајќи предвид дека истата низ годините неколку пати се поврзува со корупција и „барање подароци“ за оценки. Тоа во еден наврат беше споменато и на наставнички совет – велат тие.

Според нив „подобната кандидатка“ наместо да застане на страна на средношкоците во текот на средношколските протести и во процесот на бојкот на наставата, тивко се повлекла, додека сега одеднапш станува „силен бинтовник“.
-Скоро деценија средните училишта беа простор на исполнување на партиските желби и потреби. И сега, кога конечно се надеваме дека ни се отвора простор да ја вратиме гимназијата на вистинскиот пат и да направиме простор за вистински едукативен и академски развој и критичка мисла, ние се соочуваме со партиски калкулации, овојпат под влијание на ДОМ. Наместо на позицијата директор/ка да застане човек кој знае и пред се сака, да ја крене и поправи гимназијата, соочени сме со ризикот таа да падне во рацете на кандидат, несоодветен по секој основ – велат нашите соговорници.
Вчера, поради партиски влијанија и „груевистички директори кои влегувале во Собрание на 27Април“ група професори од различни гимназии му се обратија на градоначалникот Петре Шилегов
Гимназијата Јосип Броз Тито пред неколку дена беше споменувана во медиумите кога професорката Олга Сејменов остана и без работа и без пензија. Накратко, Сејменов во јули минатата година не можела да го оствари своето, со закон гарантирано право, на продолжување на Договорот за вработување по навршени 64 години возраст.
Наместо одлука за продолжување, училиштето донесе решение за прекин на Договорот за работа, поради остварување на старосна пензија, иако професорката сè уште немаше навршено 64 години. По жалбата до Училишниот одбор, Сејменов е одбиена, со образложение дека барањето за продолжување на Договорот за работа не е поднесено во законски дадениот рок.
Осум месеци подоцна, Сејменов не е ниту вратена на работа, ниту може да го оствари своето право на пензија, затоа што како што вели, службите на училиштето сè уште не ги средиле и не ги доставиле документите до ПИОМ.