Се чистат одводните канали и речните корита во Струмичко

од desk4
182 прегледи

– Во општина Струмица досега се исчистени 3.550 метри речни корита и 3.250 метри одводни канали од двете страни на коритата, а истовремено се чисти и во општина Босилово.

На еден од најголемите одводни канали, во близина на селото Сачево кај Пречистителната станица во Струмица, денеска престојуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Тој, заедно со градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски и претставници на АД „Водостопанство“ се запозна со текот на акцијата.

Министерот Николовски истакна дека акцијата за чистење на одводните канали и речните корита е помогната и од страна на Владата.

– Новиот концепт на соработка меѓу општината и АД „Водостопанство“ покажува дека на дело може да се видат резулатите. Со тоа се одговара на барањата на граѓаните и земјоделците од овој регион, вели министерот Николовски.

Тој додаде дека ресорното министерство е во активна соработка освен со општините и со „Водостопанство“ со цел да се помогнат и поддржат сите програми и инвестициски планови.

– Чистењето на каналите значи безбедно земјоделско производство во секој регион, вклучително и во Струмичкиот, како еден од најзначајните земјоделски региони во државата. Ова е еден добар пример кој ќе се потрудиме да го имплеметираме и во други општини, вели министерот Љупчо Николовски.

За градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, неисчистените канали се еден од најголемите проблеми, чие решавање го бараа жителите од населените места.

– Неисчистените канали и речни корита, кои подолго време не беа исчистени, граѓаните ги поставија како најприоритетни. Се зафативме со чистење на сите канали и на тие кои не се во надлежност на општината. Со заедничка и синхронизирана акција на општината, ЈПКД „Комуналец“ и АД „Водостопанство“-Подружница „Стрмичко Поле“ се зафативме се ова работа за да бидат ефектите видливи и граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од акцијата, рече градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски го прифатил барањето на градоначалникот на Струмица Коста Јаневски за финансиска помош за уредување на полските патишта.

– Заедно со претседателот на Владата испланирани се 30 милиони денари наменети за изградба на полски патишта. Струмица има проблеми во овој дел и верувам дека еден добар дел од одобрените средства ќе се инвестираат во Струмица, односно преку лоцирање на тие патишта каде е потребно да се интервенира, информираше Николовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство истакна дека во наредниот период приоритет за нив е рехабилитацијата на постоечките и изградба на нови системи за наводнување. Според Николовски министерството го исполнува ветеното годишно 10 милиони евра да се издвојуваат  за системи за наводнување

Тој информираше дека овој месец ќе почне изградбата на браната „Конско“ кај Гевгелија, потоа почнува постапката за изградба на системот „Равен Речица“, а следниот месец треба да биде распишан меѓународниот тендер за изградба на „Јужно Вардaрска долина“-систем за наводнување на над 2 илјади хектари, во вредност од околу 20 милиони евра.

Покрај тоа, со помош на ЕУ планирана е изградба на 6 до 8 мали еко системи за наводнување во Македонија, од кои еден од нив ќе биде лоциран Струмичкиот Регион