Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос вчера стана 10-тиот во историјата кој стигнал до 550 натпревари за „Кралскиот“ клуб, откако помогна за победа над Леганес со 3:1.
Тој дури и го загарантира успехот со доцниот прецизен пенал и на тој начин го прослави својот јубилеен меч со гол. Рамос има 72 гола за Реал, постигнувајќи гол на секој турнир и за секој трофеј, за кој играл.
„Многу сум среќен што имам 550 меча за Реал и не можам да побарам ништо друго. Мило ми е што постигнав гол, а уште подобро е што победивме“, рече Рамос.
Дефанзивецот сигурно ќе се искачи уште во рангирањето, откако до крајот на сезоната може да ги стигне Мичел и Пири, кои имаат 559 и 561 натпревари. Повисоко се Камачо – 577, Јеро и Генто – по 601, Сантилијана – 645, Санчиз – 710, Касиљас – 725 и Раул – 741.
Како што наредува традицијата веднаш по дуелот претседателот Флорентино Перез влезе во соблекувалната и му врачи на фудбалерот посебен дрес со бр.550 на него.