Скопски пазар заглавен во долгови, вработените не зеле плата

од Vladimir Zorba
98 прегледи

 

Скопски пазар, некогашен  трговски првенец западнал во долгови, а во изминатите четири години продал или заложил недвижнини во вкупна вредност од околу 500 милиони денари, или девет милиони евра, покажуваат податоците од финансиските и ревизорските извештаи. Според ревизорскиот извештај на компанијата за 2016 година, Скопски пазар заложил под хипотека имот вреден околу  18 милиони евра.

Според извештаите, кои практично ги загрижуваат вработените во СП кои стравуваат од неизвесната иднина на фирмата, вкупните обврски на компанијата заклучно со 31 декември се околу една милијарда денари или 16 милиони евра, од кои најголем дел се долгови кон добавувачи и кон банки, како и обврски по основ на примени аванси за веќе продадени недвижнини.

Деновиве во јавноста се актуелизира состојбата во познатата трговска компанија, која изминативе месеци ги затвори сите свои маркети во Скопје. Големата распродажба на имотот на Скопски пазар ескалира во последните неколку месеци – во јануари, Скопски пазар ја извести Македонската берза дека ја укинува регистрацијата на преостанатите десет СП и Макси-Д маркети во Скопје, и дека тие се издаваат.

Маркетите сега се издадени на двајца поранешни конкуренти на СП – Зур и Кит-го, кои презеле и дел од вработените на Скопски пазар.

Наспроти сето ова, раководството на компанијата, предводено од Сашо Давитковски, деновиве најави инвестиција за изградба на скопскиот Бит-пазар. Не е јасно како Скопски пазар ќе го финансира овој проект, ако се погледне состојбата во која се наоѓа компанијата.Вработените, кои сè уште немаат примено плата за декември, не им се платени придонеси и затоа со вознемиреност се прашуваат каде одат парите кои СП ги инкасира од продажбата и издавањето на атрактивните објекти?

Овие прашања добиваат на тежина ако се погледне пошироката ситуација во Скопски пазар – лани, компанијата Современ дом од Прилеп откупи голем пакет од акциите на СП и најави сериозен влез за санација на состојбите во некогашниот гигант. Ова беше сигнал за тревога кај актуелното, долгогодишно раководство на Скопски пазар, односно семејството Давитковски. Оттогаш и почнуваат чудните потези на првите луѓе на Скопски пазар, кои кулминираат со актуелната распродажба на имотот. 

Според извори во компанијата, никој со сигурност не знае каде одат парите од продадениот имот, затоа што во завршните сметки за 2015 и 2016 година, дел од овие приходи не се јасно изразени во извештаите. Но, во ситуација кога раководстовото се бори да ја продолжи доминацијата во фирмата, кај дел од вработените се јавуваат сомнежи дека парите од продажбата и издавањето на атрактивните објекти можеби се одлеваат кон други сметки – на физички лица и фирми блиски на првите луѓе на Скопски пазар, кои ги користат за купување на акции.