СЕХА лига: Металург претрпе тежок пораз од Горење

од Vladimir Zorba
275 прегледи

Ракометарите на Металург претрпеа нов пораз во рамките на 15-тото коло на регионалната СЕХА лига, овојпат на гостувањето против Горење во Словенија, откако загубија со 37:25 (21:13).

Тимот од Автокоманда немаше сили против составот од Велење, кој денеска беше подобар во текот на целиот натпревар и заслужено стигна до победата.

Ракометарите на Горење во оваа средба беа безгрешни од контри, откако постигнаа 11 гола од 11 обида, а и голманите на домаќините имаа свој ден – Ферлин забележа 15, а Запоншек шест одбрани.

Вања Илиќ со осум и Филип Кузмановски со седум гола беа најефикасни кај македонскиот тим. Цехте и Клец со по шест гола беа најдобри кај победниците.

За Металург ова беше деветти пораз во регионалното натпреварување каде ги загуби сите шанси за пласман меѓу четирите најдобри екипи. Во наредниот меч од СЕХА лигата, македонскиот тим ќе биде домаќин на Мешков Брест (7-ми март).

Слични содржини