Вардар со прво реми на домашен терен во ЛШ

од Vladimir Zorba
131 прегледи

Европскиот шампион Вардар одигра нерешено 31-31 (16-16) против Висла Плок во последниот натпревар од групната фаза во ракометната Лига на шампиони. За „црвено-црните“ ова беа првите загубени бодови на домашен терен сезонава.

Избраниците на Раул Гонзалез одново имаа проблем со играта во одбраната, имаа шанса за победа во самиот финиш преку Стојанче Стоилов, кој на 10 секунди пред крајот на средбата имаше зицер, но сепак се радуваат поради директниот пласман во четвртфиналето.

Висла Плок, која пред овој меч се уште беше во игра за пласман во следната фаза, пружи сериозен отпор и водеше во поголем дел од мечот, а на крај успеа да се избори за реми, но не и за пласман во Топ 16 во ЛШ.

Вардар ја заврши групната фаза со 9 победи, 3 ремија и 2 порази и заврши пред Нант, Барселона, Рајн Некар, ПИК Сегед и Кристијанштад кои одат понатаму.

Лука Циндриќ беше најпрецизен со седум гола, Игор Карачиќ додаде шест, а одличен кај Полјаците беше Португалецот Дуарте со 10 од 11.

Првиот четвртфинален натпревар екипата на Вардар ќе го игра на гостински терен во периодот од 18/22 април, а реваншот ќе биде во Скопје во периодот од 25/29 април.

Следен противник на „црвено-црните“ ќе му биде победникот од дуелот меѓу ПИК Сегед и четвртопласираниот тим од групата Б, Кјелце или Кил, во зависност од разврската во последното коло.

Слични содржини