Денес од 20:45 часот, Реал Мадрид гостува на ПСЖ во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите.Мечот на „Парк де Пренс“ најверојатно ќе го привлече светското внимание. „Белите“ победија со 3:1 на шпанска земја со мала помош на судијата Џанлука Роки, што значи дека домаќините сега имаат потреба од победа на пример со 2:0, за да го свртат судирот во своја полза.
Големата ѕвезда Нејмар е аут поради повреда добиена во дербито против Марсеј, но во негово отсуство Аргентинецот Анхел ди Марија одлично се справува. Токму поранешниот играч на Реал Мадрид е најголема закана за голот на Кејлор Навас, нагласува „Марка“.
Еве што пишува весникот, откако Анхел постигна еден од головите за 2:0 над Троа во саботата: „Ди Марија е надежта на ПСЖ за чудо против Реал. Тој не запиша ниту минута во првиот натпревар на „Бернабеу“, но сега изгледа како оружје бр.1 на Французите“.
Кавани и Мбапе беа оставени надвор од групата за Троа, а интересно е дека „Ел Фидел“ веќе презема голема одговорност од почетокот на календарската година. Во 2018 година има 11 гола од 16 натпревари.
Во исто време Реал се загреа за Париз со победа од 3:1 над Хетафе дома. Кристијано Роналдо го запиша својот нов рекорд. Португалецот стигна до бројка 300 гола во Примера дивизион побрзо од било кој друг играч во историјата на шпанскиот фудбал. Лео Меси го направи тоа за 334 средби, додека Португалецот имаше потреба само од 286. Герет Бејл го отвори резултатот против Хетафе, а Роналдо ги додаде другите два гола.
Откако го напушти теренот сепак, Кристијано требаше да добие медицинска помош на клупата на мадридскиот гигант (му ставија коцка мраз на потколеницата). Добрата вест за тренерот Зинедин Зидан дојде следниот ден, кога виртуозот Лука Модриќ и Тони Крос ги обновија тренинзите со главната група. Тие веќе се целосно обновени од своите повреди.
Тренерот на кралскиот клуб веќе може да смета на сите најдобри, останува само да одлучи на кои 11 ѕвезди да се довери од првата минута за посетата на „Парк де Пренс“. Во исто време, отсуството на Нејмар не е единствениот проблем за домаќините. Француските медиуми објавија дека младата ѕвезда Килиан Мбапе до последно ќе биде неизвесен за средбата.
Веќе е јасно кој ќе го води натпреварот во францускиот главен град. Ова е германскиот Феликс Брих. Роден е во Минхен во 1975 година. Меѓународен судија е од 2007-ма, а од кампањата 2009-2010 е на елитната листа. Брих е еден од најдобрите арбитри во Европа. ПСЖ побара адекватно судење, за да не се повтори фијаското од минатата година, кога беа срамотно елиминирани од Барселона. Реал Мадрид нема пораз во седумте натпревари, предводени од Брих, додека ПСЖ исто така е без пораз кај Германецот – 2 победи и 1 реми.