Советот на Општина Центар со мнозинство гласови ја усвои одлуката за запирање на спроведувањето на 31 детален урбанистички план. Одлуката ја предложи градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ. Со неа нема да се постапува по новоподнесените барања со кои отпочнува управна постапка за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење, доградба и надградба.
Одлуката за мораториум стапи во сила на 28 декември 2017 година, а сега се се продолжува за уште два месеца.
– Претходно донесениот мораториум е краток за да се направи анализа на деталните урбанистички планови и да се овозможи законитост во постапувањето, правна сигурност на жителите на општина Центар, а особено поради неопходната потреба за усогласување на планската документација со законските обврски и фактичката состојба, стои во образложението.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ, како што информира Општина Центар, гласаа против, иако дискутираа дека не се противат на преиспитување на ДУП-овите.