Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Џабе се бунат овие од Левица. Се откри дека имаат министерско место. И тоа не било кое. Министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски се претстави како поголем левичар од левичарите. На оние 1.688 вработени по рамковен клуч, што никогаш не оделе на работа, ќе им понуди работа, ама нема да им се лути ако ја одбијат ако не им се работи.
Министерот Манчевски најави дека прво ќе им се понуди работа на тие што можат да ги пополнат испразнетите раководни места. Ама „тоа не значи дека тие конечно ќе почнат да си ја заработуваат платата, бидејќи понудата можат да ја одбијат ако работното место не им се допаѓа. Отказ нема да добијат“, изјави Манчевски.
Сосема е логично. Нема да бидат избркани од работа што никогаш не ја работеле. Ај што нема да бидат избркани, туку како тргнал Манчевски, уште и ќе им се извинува оти им ја расипал комоцијата. На луѓе што биле примени по национален клуч. На списоци за вработување правени во штабот на ДУИ.
А што правиме со невработените што не би одбиле понуда за работа? Сигурно има Албанци што сакаат да работат и се кадарни да бидат на раководни функции, а не се од ДУИ. Ним што ќе им понуди државата? Ним зиплајн им понуди. Да се спуштаат по јаже од Калето накај стадионот во Скопје. И таму некаде над средината на Вардар да им дигне еден ѕид. Да пробаат дали може со глава ѕид да се пробие.
Со давањето работа на овие 1.688 што со години примаат државна плата, а не доаѓаат на работа, треба да му се даде смисла на името на вечната владејачка партија на Албанците во Македонија. Тие 1.688 луѓе треба да се вратат од швајцариите, германиите, италиите, или да излезат од дома насабајле и да се отчукаат со картичките за редовност. На тој начин ќе се интегрираат.
Кога еден висок функционер на ДУИ и локален шериф од Чаир може да паркира кај што сака и никој ништо не му може, тогаш зошто и Талат Џафери како претседател на Собранието да не му дава ултиматум на СДСМ за 7 дена да го изгласа Законот за јазици, инаку Собранието нема да работи на ниеден од реформските закони. И што после тие 7 дена? Нема НАТО? Нема ЕУ?
ОК! Нема НАТО, нема ЕУ. Одговорноста кој ќе ја носи?
Нашиот најголем проблем не е тоа што висок функционер на ДУИ продолжува да паркира на погрешно место, туку тоа што полицијата е виновна дека го казнува. Исто како што нашиот најголем проблем не е тоа што учениците Албанци не биле на школо на 7 март оти бил некаков ден на учителот, што не е регистриран како празник и неработен ден, туку тоа што Просветниот инспекторат не се ни обидува никого да казни. Конечно, најголемиот проблем на оваа држава не е тоа што секој месец за овие што не доаѓаат на работа сите мораме да плаќаме речиси 800.000 евра, туку тоа што додека ДУИ се интегрира, системот се дезинтегрира.
Целата колумна на СДК на следниот линк.