Кривична од Гаши за Касами

од desk2
90 прегледи

 

Африм Гаши и триесетина негови поддржувачи поднесоа кривична пријава против Билал Касами за злоупотреба на службената положба како претседател на Движењето Беса.

Според нив, Касами го прекршил Законот за политички партии и Статутот на партијата, а кривичната пријава ја поднеле вчера во Основното јавно обвинителство за злоупотреба на службената должност „правен застапник на Движењето БЕСА пред органите на правдата“ и фалсификување на документацијата на Движењето, додека во Управниот суд е поднесено барање за поништување на фалсификатот што според нив го направил тој во документите на Движењето БЕСА во надлежниот основен суд.

– Тој и неговиот клан, од кои некои се повикуваат на легалноста, сега веќе ќе треба да одговараат пред органите на правдата за киднапирање на политичката партија за тесни лични и клански интереси. Притоа уште еднаш повторуваме дека ова манипулација е направена во времето кога активистите на Беса му веруваа нему и покажуваа лојалност кон него, што подразбира дека задачата за поделба и уривање на Беса тој ја започнал одамна, се разбира под директива, изјави Орхан Муртезани од Беса.

Беса се подели, а раздорот почна пред неколку месеци, по одржувањето на два посебни состанока во Тетово и Скопје на кои беа донесени различни заклучоци и одлуки за одржување Конгрес. На едниот конгрес кој се одржа на 18 февруари во Тетово, за претседател беше избран Африм Гаши, додека на конгресот одржан една недела подоцна во Скопје, делегатите го избраа Билал Касами за лидер на Движењето Беса.