„Отворени можности“ – проектоза развој на социјалното претприемништво

од desk2
81 прегледи

Развојот на социјалното претприемништво преку градење на капацитетите и менторирање, креирање политики, како и вмрежување и пилотирање на конкретни мерки е целта на проектот „Отворени можности“, кој од денеска официјално започна да се спроведува.


На промоцијата на Проектот, кој е финансиран од Европската Унија, од ИПА програмата за граѓанското општество и медиумите 2016-2017, беше истакнато дека ќе трае 2,5 години (30 месеци), а ќе го спроведува Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА во партнерство со Удруга за креативни развој СЛАП од Хрватска и Град Скопје.

Настанот го отвори Извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски. Се обрати и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, која истакна дека Градот во соработка со ХЕРА преку овој европски проект покажува локално лидерство и парадигма за потребната поддршка од локалните власти за развој на социјалното претприемништво.

– Град Скопје, преку партнерството склучено со проектот, ја покажува и практикува хуманоста, солидарноста, волјата и лидерството, преку конкретна техничка поддршка на потенцијалните социјални претприемачи и невладините организации, кои работат со ранливите категории на граѓани/маргинализираните заедници на пазарот на трудот, со посебен акцент на жените Ромки, за да основаат социјални претпријатија, на територијата на Град Скопје, резимираше Јанчева.

Со Проектот „Отворени можности“ се предвидува и регрантирање за невладините организации, кои ќе бидат подготвени да формираат социјални претпријатија со цел инклузија на лицата од маргинализираните заедници на пазарот на трудот. Едновремено, ќе се работи и на креирање локални политики за отворање социјални бизниси, преку изготвување локална стратегија и акциски план за Град Скопје.